Британската атлетска легенда Себастијан Коу размислува да се кандидира за претседател на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК).
Претседателот на светската атлетика и олимписки шампион беше еден од главните организатори на Олимписките игри во Лондон во 2012 година и долго време се смета за соодветен наследник на Германецот Томас Бах на чело на ИОК.
Бах изненадувачки објави ден пред крајот на Олимписките игри во Париз дека ќе ја напушти функцијата во 2025 година и нема да се кандидира за нов мандат.
Себастијан Коу има 67 години, а неговата возраст може да биде пречка за неговата кандидатура. И покрај неговите силни релации во олимпиското движење, можеби нема да биде фаворит за позицијата поради некои од неговите ставови во врска со допингот, војната што ја води Русија против Украина и прашањето за плаќањето на атлетичарите.
Како пример, Светската атлетска федерација оваа година исплаќа премија од 50.000 долари на сите олимписки шампиони – нешто што не е добро прифатено од некои спортски лидери.