Повеќе од 40 години траеше тренерската кариера на прославениот шведски тренер Свен-Јоран Ериксон, но му остана една неисполнета желба. Тој призна дека сакал да биде на клупата на Ливерпул, а англискиот гигант сега реши да му ја исполни желбата.
Ериксон ќе биде тренер на Ливерпул на 23 март во хуманитарен меч кој ќе се одигра на „Енфилд роуд“. Дополнителна тежина ќе има овој натпревар, ако се знае дека Ериксон неодамна откри дека боледува од рак и дека има уште една година живот.
Своето присуство на овој меч од хуманитарен карактер го потврдија Стивен Џерард, Даниел Агер, Фернардо Торес, Макси Родригез, Мартин Шкртел, Дирк Кајт, Јиржи Дудек, Сами Хипија и уште многу други поранешни играчи на Ливерпул.
Ливерпул соопшти дека целокупниот приход од продадените влезници (54.000) ќе заврши во фондацијата ЛФЦ, а потоа ќе бидат предадени во некоја хуманитарна акција.
Ериксон во тренерската кариера водел многу клубови меѓу кои и Гетеборг, Бенфика, Рома, Фиорентина, Сампдорија, Лацио, Манчестер сити, Лестер, Шангај… работел и како селектор и тоа на Англија од 2001 до 2006 година, потоа беше во Мексико (2008-2009), Брегот на Слоновата коска (2010) и Филипини (2018-2019), кога и ја заврши тренерската кариера.