Лејкерс без Џејмс, немоќен во градското дерби

Лу Вилијамс со 36 поени, што е негов сезонски рекорд, беше предводник на Лос Анџелес клиперс во победата над ЛА Лејкерс во НБА лигата. Кај „езерџиите“ ги немаше Леброн Џејмс, Реџон Рондо и Џавал Мекги, па тоа ја олесни работата на Клиперс да дојде до 22-ра победа во последните 25 меѓусебни дуели со клубот со кој го делат „Стејплс центарот“.

Ентони Дејвис со свој сезонски рекорд од 48 поени и 17 скока за 43 минути игра, му донесе победа на Пеликанс против Далас. За Њу Орлеанс, заврши низата од пет порази по ред. Лука Дончиќ уфрли 34 поени, погоди седум тројки од десет обиди.

Расел Вестбрук даде 40 поени, од кои 15 во последните шест ипол минути, за тримф над Феникс, кој добро се држеше три четвртини. Во Минеаполис се играше продолжение, а славеа гостите од Атланта. Никола Вучевиќ имаше 30 поени, 20 скока и 8 асистенции во победата на Орландо над Торонто. Вакви бројки на еден меч имале само девет играчи во последните 44 години. Репторс погоди само 26,2 проценти од шутевите за два поени и тоа е неславен клупски рекорд.

Се посрамоти и Детроит кој беше разбиен во Индијанаполис. Домантас Сабонис има 15 дабл-дабли сезонава, иако е резерва. Тони Паркер во 17 поени во последните 6,41 минути, приреди свое шоу, и му донесе триумф на Шарлот.

РЕЗУЛТАТИ: Шарлот – Бруклин 100:87, Индијана – Детроит 125:88, Орландо – Торонто 116:87, Вашингтон – Чикаго 92:101, Мајами – Кливленд 118:94, Минесота – Атланта 120:123, Њу Орлеанс – Далас 114:112, Денвер – Сан Антонио 102:99, Феникс – Оклахома сити 102:118, ЛА Лејкерс – ЛА Клиперс 107:118.

- Оглас -

Најнови вести