Лејкерс приреди „блокада шоу“ во Лос Анџелес (Видео)

Лос Анџелес лејкерс го совлада Детроит пистонс со 106-99 во натпревар од НБА лигата на кој домашниот тим имаше дури 20 блокади. Ова е нивно најдобро блокерско издание од 1982 година, кога на еден меч со Денвер имаа 21 блокади. Синоќа се истакна Ентони Дејвис со осум блокади, како надополнивање на 24-те поени (даде 11 поени во последните 3,40 минути) и 11-те скока.

Леброн Џејмс направи трипл-дабл, 90-ти во кариерата, а деветти сезонава.

Лејкерс има пет победи по ред, а сезонава не знае за пораз против екипи кои имаат негативен скор. Детроит и без првиот стрелец Блејк Грифин, даде силен отпор, но го претрпе деветтиот пораз на последните 11 меча.

Во Лос Анџелес се одигра уште еден интересен меч. Клиперс го победи Њујорк никс со 135-132, а домашните поставија еден клупски рекорд. Тројца различни кошаркари на Клиперс постигнаа 30 или повеќе поени. Клупските колеги Монтрезл Харел, Лу Вилијамс и Пол Џорџ на ист меч ја надминаа бројката од 30 поени и се запишаа во историјата на Клиперс. Двајца од нив беа резерви. Од 1970/71 не е видено две резерви од ист тим да дадат над 30 поени на ист меч.

- Оглас -

Најнови вести