Летонија ја растури Литванија во балтичката пресметка за петтото место на СП

Кошаркарската репрезентација на Летонија го освои петтото место на Светското првентство кое се одржува во Јапонија, Индонезија и Филипини.

Летонците во мечот за петтата позиција, во балтичката пресметка ја совлада Литванија со убедливи 98:63.

Летонија доминираше во сите 40 минути, ги доби во своја корист сите четири четвртини, а пресудна за убедливата победа беше третата. Летонците третата четвртина ја оставија Литванија на едноцифрен број на поени (28:9) и ги решија дилемите околу победникот.

Артурс Курукс со 20 поени ја предводеше листата на стрелци кај Летонија, каде се истакнаа и Роландс Шмитс со 14, Андрејс Гражулис со 12 и Родионс Курукс со 11 поени.

Кај Литванија, само Рокас Јокубаитис беше најпрецизен со 16 поени, е еден поен помалку даде Јонас Валанчиунас.

До крајот на СП останаа да се одиграат уште два меча, тие за медалите. САД и Канада ќе играат за третото место, додека во утрешното финале ќе се сретнат Србија и Германија.

- Оглас -

Најнови вести