Хрватскиот репрезентативец Анте Ребиќ е уште едно промашување на Милан, но за среќа поранешниот италијански првак брзо ќе се ослободи од него. Ребиќ ќе се врати во Ајнтрахт Франкфурт, клубот од каде што дојде на позајмица на „Сан Сиро“, само треба да се решат последните детали меѓу двата клуба.
Изминатото лето хрватскиот офанзивец пристигна во Милано како големо засилување, но во првата половина од сезоната запиша само 177 минути, без учинок во Серија А. Последен пат на терените се појави во ноември минатата година, што покажува дека тренерот Пиоло воопшто не смета на него.
Ребиќ за католички Божиќ беше во Франкфурт каде наводно се сретнал со тренерот на Ајнтрахт Ади Хитер, додека неговиот агент напорно работи да го оствари неговото враќање во Бундеслигата.
Пред да потпише за Милан, до Франкфурт стигаа понуди од 45 милиони евра за Ребиќ, додека клубот бараше 50 или повеќе.