Левандовски ќе почека на првиот мундијалски гол, Очоа го прочита Полјакот и не дозволи пораз на Мексико (Видео)

Селекциите на Полска и на Мексико го одиграа вториот натпревар на Светското првенство без голови, и тоа само пет часа по Данска и Тунис, кои исто така не успеаја да ги затресат мрежите.

Трагичар на мечот е Роберт Левандовски, а херој е голманот на Мексико, Гилјермо Очоа, кој во 58-мата минута го одбрани ударот од белата точка на играчот на Барселона.

Левандовски ќе почека до следното коло за да го постигне првиот гол во кариерата на Светските првенства. Вечерва имаше одлична шанса да го стори тоа, но по вторпат годинава не успеа да го реализира ударот од белата точка.

Мексиканците беа подобар тим на стадионот „974“, доминираа во првиот дел кога на Полјаците не им дозволија да упатат ниту еден шут кон голот на Очоа, а тие притоа не реализираа одлични шанси.
Првата изгледна шанса за гол Мексиканците ја имаа во 13-тата минута, кога Ектор Морено скокна највиското во противничкиот шеснаесетник, но топката заврши над голот. Во 26-тата минута Ектор Ерера одлучно го проигра Алексис Вега во шеснаесетникот, но неговиот шут заврши покрај десната статива.

Во второто полувреме, поофанзивно тргнаа и Полјаците и првата шанса ја имаа токму преку својот капитен и најдобар играч, Левандовски. Напаѓачот на Барселона беше соборен во противничкиот шеснаесетник, а судијата Бит по консултација со ВАР-собата и прегледување на спорниот момент, досуди пенал за Полска.

Но, Очоа уште еднаш покажа дека е голман за големи натпреварувања и успеа да го одбрани ударот на Левандовски.

До крајот на средбата, спласна темпото на игра и двете репрезентации не направија ниту една сериозна шанса и се задоволија со по еден бод на стартот од СП.

- Оглас -

Најнови вести