Манчестер јунајтед и Ливерпул попладнево од 16.30 часот ќе водат четвртфинална битка од ФА Купот, а интересно е дека Црвените, цели 103 години не знаат за победа на гостување на „Олд Трафорд“ во дуел од најстарото клупско натпреварување на светот.
За Црвените ѓаволи, ФА купот е шанса да освојат трофеј сезонава, а Ливерпул од почетокот на февруари не знае за пораз, и во игра е за титулите и во Премиер лигата и Лига Европа.
Јунајтед ќе се обиде да го продолжи рекордот стар еден век против Ливерпул во ФА Купот. Последната победа на Ливерпул на „Олд Трафорд“ во најстарото клупско натпреварување датира од далечната 1921 година.
Добрата вест за Ерик Тен Хег е дека Расмус Хојлунд, Хари Мегваер и Арон Ван-Бисака веќе ги продолжија тренинзите со тимот. Сите тројца би можеле да бидат во составот за денешната пресметка.
Ливерпул ќе биде без централниот дефанзивец Ибрахим Конате, кој не успеа да се опорави навреме, а се враќа Рајан Гравенберх. Гостите уште се без повредените Трент Александар-Арнолд, Алисон Бекер, Стефан Бајчетиќ, Кертис Џонс, Диого Жота, Џоел Матип и Тијаго Алкантара.