Во дербито на 22-рото коло во Премиер лигата, Ливерпул му одржа лекција по фудбал на Челзи победувајќи го со убедливи 4:1 на „Енфилд“.
Со оваа победа, Ливерпул, кој на крајот од сезоната ќе остане без менаџерот Јирген Клоп, ја задржа предноста на лидерската позиција на табелата од пет бода пред Арсенал и Манчестер сити, кој има натпревар помалку.
Црвените доминираа во текот на целиот натпревар, а посебно беа импресивни во првото полувреме, кога постигнаа два гола, не реализираа пенал и дури трипати ја погодија стативата на голот на Сините.
Резултатот го отвори Диого Жота во 23-тата минута, а во 39-тата минута во листата на стрелци се запиша и Конор Бредли, кому ова му беше прв гол во Премиер лигата.
Предноста по првиот дел можеше да биде и поубедлива доколку Дарвин Нуњес го реализира ударот од белата точка.
Во 65-тата минута, Доминик Собослаи зголеми на 3:0, а шест минути подоцна Челзи го постигна почесниот гол на натпреварот преку Кристофер Нкунку.
Точка на мечот стави Луис Дијас во 79-тата минута.