Ливерпул поставува нови и нови рекорди кои тешко дека некогаш ќе бидат срушени

Ливерпул синоќа го победи Вест хем со 3:2 и само ја продолжи неверојатната доминација во Премиер лигата. За гигантот од „Енфилд роуд“ ова беше 26-та победа во 27-мото коло, па сега тимот на Јирген Клоп има 79 од можните 81 поен. Тоа е доволно Ливерпул да биде убедлив лидер со 22 бода повеќе од второпласираниот Манчестер сити, па само прашање на време е кога Ливерпул ќе биде прогласен за нов првак во Англија.

Со победата над Вест хем, Ливерпул постави и израмни неколку рекорди. Ова беше 18 победа по ред за Ливерпул, што е доволно за израмнување на рекордот на Манчестер сити поставен од пред малку повеќе од две години. Тогаш Граѓаните славеа на 18 дуели во низа, а Ливерпул веќе во наредното коло, на гостувањето кај Ватфорд, ќе има можност да го надмине ова неверојатно постигнување.

За Ливерпул ова беше 21-ва победа во низа на свој терен во Премиер лигата, со што го израмни рекордот од пред 48 години, кога повторно Ливерпул имал 21 триумф по ред.

Неверојатно делува фактот дека Ливерпул освои 106 од можните 108 бодови во последните 36 меча. Победи 35 пати, а еднаш ремизираше на гостувањето кај Манчестер јунајтед (1:1).

Со досега освоените 79 бодови, Ливерпул го достигна бројот на бодови кои ги има освоено легендарниот шампионски тим на Манчестер јунајтед од 1999 година, кога Црвените ѓаволи освоија тројна круна. Едноставно овој тим на Ливерпул ќе биде запишан во историјата на Премиер лигата.

 

- Оглас -

Најнови вести