Ливерпул со сите сили ќе нападне на „Олд Трафорд“ каде домаќините три години чекаат на победа

Ливерпул го има најголемиот кошмар откако на клупата е седнат Јирген Клоп. Актуелниот англиски првак никако не може да го најде патот на топката до противничката мрежа цели 440 минути во првенството. Во овој период Ливерпул одигра и еден меч од ФА Купот и тоа на гости кај Астон вила, победувајќи со убедливи 4:1. Сепак, тој дуел не може да биде некој репер затоа што домаќините играа со јуниорскиот тим.

Пред точно една недела, Ливерпул и Манчестер играа во првенството, а на „Енфилд роуд“ заврши без голови. Домаќините имаа иницијатива, но сепак подобрите шанси за погодок ги пропуштија играчите на Манчестер јунајтед. Денеска на „Олд Трафорд“ ќе мора да има победник, па макар тоа било и по 120 минути игра или по изведување на пенали.

Ливерпул со најсилниот напад ќе се обиде да ја врати довербата во офанзивниот ред. Салах, Мане и Фирмино ќе бидат стартери во формацијата 4–3-3 на гостинскиот тренер Јирген Клоп. Според најавениот состав, гостите ќе започнат со: Алисон, Вилијамс, Матип, Фабињо, Робертсон, Џонс, Вајналдум, Милнер, Салах, Фирмино и Мане.

Ако Ливерпул има проблем со реализацијата, Манчестер јунајтед има проблем со тоа да го победи најголемиот ривал. Резултатите од последните шест меѓусебни средби покажуваат дека Ливерпул има три победи, а три дуели завршиле нерешено. Последен пат Црвените ѓаволи се радувале на мегдан против Ливерпул во март 2018 година кога победија со 2:1 на „Олд Трафорд“.

Формацијата со која Оле Гунар Солскјер ќе истрча на терен е малку позатворена и ќе биде 4-2-3-1. Како најистурен во нападот ќе биде Кавани кој треба да добие предност пред Марсијал. Стартниот тим на домаќините треба да биде: Хендерсон, Ван-Бисака, Линделоф, Мегваер, Тељес, Мектоминиј, Фред, Рашфорд, Фернандеш, Погба, Кавани.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести