Лопетеги: Ни недостасува среќа

Реал Мадрид со вчерашниот пораз од ЦСКА Москва на „Лужники“ ја прекина серијата од 29 натпревари во низа на кои постигнале гол во Лигата на шампиони.

Хулен Лопетеги нема добар старт како тренер на Реал Мадрид. Тој е првиот стручњак кој во мандатот на претседателот Флорентино Перес има три порази во првите 10 официјални меча. Проблемите со постигнувањето голови почнаа откако се повреди плејмејкерот Иско, а Лопетеги за синоќешниот меч мисли дека Реал немал среќа, бидејќи трипати ги погоди рамките на голот, но топката не сакаше да влезе во мрежа.

„Ниту против Рома пред две недели не бевме непобедливи, ниту сега сме толку лоши“, изјави Лопетеги по поразот во Москва.

Покрај тоа што не успеаја да ја затресат мрежата на Акинфеев, „кралевите“ нанижа три натпревари на кои не оствариле победа, прв пат по 2007 година, додека на исто толку натпревари во низа немаат постигнато гол. За предводникот на Реал има само една причина зошто неговиот тим претрпе пораз во Москва – недостигот на среќа.

„Креираме толку многу шанси, а не искористуваме ниту една. Не само вечерва, туку на последните три или четири натпревари. Едноставно е, ако не ги искористиш шансите, не можеш да победиш. Нам ни недостасува и малку среќа. Се обидовме на секаков начин да стигнеме до гол, пробивавме од двете страни, шутиравме од блиску, од далеку, се обидовме и со центар-шутеви, и пак не успеавме да погодиме. Играчите го одработуваат секој меч максимално професионално, но кога уште во првата минута ќе примиш гол, плановите се расипуваат. Едноставно немавме среќа“, додаде Лопетеги.

- Оглас -

Најнови вести