Контроверзниот претседател на Лацио, Клаудио Лотито, повторно е во елемент и најави дека за продажба на Сергеј Милинковиќ-Савиќ ќе бара отштета од 120 милиони евра и порача дека цената ќе расте секој месец.
„Цената веќе не е 100 милиони евра, сега треба да се плати 120 милиони евра, а вредноста на Сергеј ќе расте секој месец. Немам никаков договор со Матеја Кежман или со кој било друг менаџер да му го продадам нашиот најдобар играч на Јувентус или на кој било друг клуб“, рече Лотито.
За Милинковиќ-Савиќ интерес има од Манчестер јунајтед и од Јувентус, кои сакаат во најбрз можен рок да го ангажираат 27-годишниот српски репрезентативец, кој игра одлично во Калчото, но и во националниот состав на популарните Орли.
Лотито честопати знае да даде вакви изјави и има контроверзни потези, а тоа на своја кожа го почуствува и Горан Пандев пред повеќе од една деценија.
Случајот со нашиот ексрепрезентативец е добро познат и на Пандев не му беше дозволено ниту да тренира со соиграчите од Лацио по наредба на Лотито летото во 2009 година.
По цели шест месеци голгота, Пандев ја доби битката, доби отштета од 160.000 евра и, што е уште поважно, му беше дозволено да си замине во декември истата година.
Во истата сезона што ја доигра во Интер, Пандев освои триплета, односно пехарот во Лигата на шампионите, Скудетото во Серија А и националниот Куп на Италија.