Љубовта меѓу Тоти и Рома започна на денешен ден: Кој беше првиот меч на играчот кој подоцна стана Принц на Рим?

Кога се зборува за лојалноста на играч кон еден клуб, прва асоцијација е Франческо Тоти. Играчот кој се појави во дресот на Рома пред точно 27 години, а потоа стана „Принц на Рим“.

На 28 март 1993 година, Тоти имаше само 16 години, а Рома гостуваше кај Бреша. Тогашниот тренер на Римската волчица, Вујадин Бошков, реши на теренот да го внесе тинејџерот Тоти. Останатото е историја. Тоти одигра вкупно 785 меча за Рома, а постигна 307 голови.

Тоти во дресот на Рома помина вкупно 25 сезони, односно точно четвртина век. Иако беше еден од најпопуларните фудбалери и сигурно без проблем можеше да игра во било кој друг клуб, Тоти реши да остане лојален на Рома во текот на целата кариера. Реал Мадрид беше најупорен да го донесе Тоти на „Сантијаго Бернабеу“, но тоа не се случи, а Франческо остана лојален.

„Рим е моето семејство, таму се моите пријатели, луѓето кои ги сакам. Рим е жолт и црвен. Рим за мене е сѐ. Овој клуб и овој град се мојот живот“, има изјавено Тоти пред неколку години.

Последниот меч за Рома го одигра на „Олимпико“ против Џенова во победата од 3:2.

- Оглас -

Најнови вести