„Луд“ меч во ЛА, Лејкерс дури по продолжение се изборија за плејофот (Видео)

Лос Анџелес лејкерс и Атланта ќе играат во плејофот откако овие две екипи славеа во мечот од доигрувањето против Минесота, односно Мемфис.

Лејкерс беше фаворит за победа на свој терен против Минесота, но драма имаше во „Стејплс центарот“, на крајот со среќен крај за домаќините. Минесота иако беше ослабена со неиграњето на Руди Гоберт и Мек Даниелс, беше подобар тим во поголем дел од мечот против Лејкерс.

Гостите во еден дел од третата четвртина имаа предност и од 15 разлика (76:61), а во последната четвртина влегоа со 10 поени предност. Лејкерси цело време се мачеа да ја анулираат негативата и тоа се случи буквално на крајот. Прво стигнаа на 95:95, а на 1,4 секунди погодија тројка за предност од 98:95. Се чинеше дека тука е крајот, но Минесота само за 1,4 секунди успеа да направи акција, по која Ентони Дејвис го фаулира Конли во шут за тројка, па Минесота преку слободни фрлања стигна до 98:98 и продолжение.

Во дополнителните пет минути, Лејкерс сепак беше подобар тим и на крајот победи со 108:102. Џејмс со 30 поени, 10 скока и шест асистенции и Дејвис со 24 поени и 15 скока беа предводници на победничкиот тим. Лејкерс во плејофот ќе играат против Мемфис, додека Минесота ќе има уште една шанса за место во плејофот и тоа го чека подобриот од дуелот Њу Орлеанс – Оклахома, кои ќе играат вечерва.

Во вториот меч од доигрувањето, Атланта славеше на гости кај Мајами со 116:105 и на тој начин се избори за плејоф-дуел против Бостон. Дури седум играчи на Атланта постигнаа двоцифрен број поени и со тимска игра победија во дуелот кој им донесе место во плејофот.

- Оглас -

Најнови вести