Луд меч во НБА: Губеа 17 разлика во третата четвртина, а на крајот победија (Видео)

Бруклин нетс поведе со 3:2 во серијата против Милвоки бакс и сега е само на една победа од пласман во финалето на Источната конференција во НБА-плејофот. Мечот имаше чуден тек. Во првото полувреме доминираа гостите, но потоа Бруклин заигра многу подобро и успеа да направи пресврт и на крајот да донесе радост на домашните навивачи.

Милвоки започна фуриозно и веднаш поведе со 12:2, а до крајот на првата четвртина водството беше зголемено и изнесуваше 29:15. Двоцифрената предност гостите ја задржаа во текот на втората четвртина и на полувреме заминаа со водство од 59:43.

Во средината на третиот квартал, Милвоки водеше со највисоки 17 поени разлика (74:57), а потоа започна „будењето“ на домаќините. Со серија од 17:5, разликата беше смалена само на пет поени и тоа беше најава дека ќе има пресврт. Бруклин продолжи со добра игра и во последната четвртина, па во клучниот период од играта стигна и до водство од 99:96. Во овие моменти гостите делуваа збунето и немоќно па на крајот, Бруклин победи со 114:108. Второто полувреме домаќините го добија со 71:49.

Кевин Дурант беше лидер во пресвртот на Бруклин и на крајот заврши со трипл-дабл од 49 поени, 17 скока и 10 асистенции. Дурант ги одигра сите 48 минути и тој е првиот играч во последните три сезони што ги поминал сите минути на теренот во плејоф дуел. Последен пат тоа го имаше направено Леброн Џејмс на 27 мај 2018 година, кога ги одигра сите минути во седмиот меч против Бостон.

 

- Оглас -

Најнови вести