Пјер Гасли од Алфа Таурис е сензационален победник на трката во Монца за Големата награда на Италија во Формула 1. Последна победа на еден Французин во Формула 1 беше во 1996 година, кога во Монако триумфираше Оливие Пани со болид на Лижие. Гасли е 109-тиот различен победник на Ф1 трка.
До половина трка, работите одеа по план на Мерцедес, Луис Хамилтон беше прв со убава предност, а тогаш излетувањето на Шарл Леклер од Ферари ја преврте трката наопаку. Хамилтон побрза да влезе во бокс, но тоа го стори во време кога не смееше, па доби казна и ја загуби шансата за победа. На крај, првакот заврши на седмо место.
Киксот на Хамилтон го искористија пилоти кои никогаш не победиле, па Гасли ги издржа нападите од Карлос Саинс од Мекларен, кој заврши на второ место. И за Саинс ова е најголем успех во кариерата, а да имаше уште еден круг, идниот пилот на Ферари можеби и ќе победеше. Трети низ целта мина Ленс Строл од Рејсинг поинт.