Тренерот на Пари Сен Жермен, Луис Енрике, конечно го доби засилувањето што го бараше, украинскиот дефанзивец Илија Забарњи ќе му се приклучи на клубот од француската престолнина.
Уште од почетокот на летото беше познато дека Лукас Бералдо нема иднина во тимот на ПСЖ, па Луис Енрике го идентификуваше младиот Украинец како идеален партнер и ротациски играч во одбраната. Забарњи имаше одлична сезона во Борнмут, каде настапуваше во двоец со шпанскиот дефанзивец Дин Хујсен, што дополнително го привлече вниманието на европските гиганти.
Пари Сен Жермен ќе плати 63 милиони евра веднаш, со дополнителни бонуси што може да ја подигнат сумата до 70 милиони евра.
Забарњи одамна ги договорил личните услови со ПСЖ, а интересот му бил исклучиво насочен кон францускиот шампион, што ги олесни преговорите.
Во меѓувреме, ПСЖ работи и на засилување на голманската позиција. Лукас Шевалие од Лил е следната цел, но реализацијата на трансферот ќе зависи и од тоа каде ќе ја продолжи кариерата Џанлуиџи Донарума.