Пари Сен Жермен не игра најсигурно, па на последните шест меча победи само трипати, двапати загуби, а еднаш одигра без победник. Ваквите резултати не се вообичаени за тимот кој е актуелен француски и европски првак, и тоа во пресрет на најважниот дел од сезоната.
Светците утревечер на свој терен ќе играат против Челзи во првиот меч од осминафиналето во Лигата на шампионите. Тренерот на ПСЖ, Луис Енрике, вели дека има респект кон противникот, но дека едноставно верува во квалитетите на неговите фудбалери.
„Можам да кажам дека без исклучок, сите англиски екипи во Лигата на шампионите играат на многу високо ниво. Многу добро го познавам Челзи, игравме против нив минатото лето. Тие го сменија тренерот и неколку фудбалери. Знам колку е тешко да се игра на вакви дуели, но ние ќе атакуваме на победа“, вели Енрике, кој додаде дека критиките од јавноста поради слабите резултати во последно време не го интересираат.
„Се научивме да ги слушаме критиките. Ние сме фокусирани на Челзи и како да одиграме на двата меча. Ние сакаме повеќе да ја имаме топката во свој посед, но Челзи е поефикасен. Ќе биде тежок меч, но ние веруваме во нашите квалитети“, рече Енрике во пресрет на утрешниот дуел.
Челзи со 3:0 го победи ПСЖ минатото лето на Светското клупско првенство. Во последните 12 години овие два тима играле осумпати, а ПСЖ има три победи, Челзи е со два триумфа, а дури три меча завршиле 1:1 по регуларни 90 минути игра.

