Српскиот напаѓач Лука Јовиќ во дресот на Реал Мадрид не само што не дава голови, туку на теренот делува сосема загубено и како да не е дел од тимот. Синоќа Јовиќ на дуелот од купот со Сарагоса само 14 пати ја допре топката пред да биде заменет во 73-тата минута со Карим Бензема (Французинот даде и гол) и тоа е повеќе од двојно помалку од контактите со топката на голманот Ареола (имаше 34).
Зинедин Зидан има трпение со Јовиќ, постојано вели дека Србинот е млад и му треба време за адаптација, не го владее добро шпанскиот јазик, можеби и тоа има придонес што е како отфрлен, но засега Лука не ја оправдува таа доверба на тренерот. Јовиќ има само еден гол, а во минатата сезона ова време имаше постигнато дури 18.
За Реал засега не е проблем што Јовиќ не дава голови, во јануари десетмина различни фудбалери погодуваа, но 21-годишниот Лука не си ја врши работата за којашто беше донесен и скапо платен.