Напаѓачот на Наполи, Ромелу Лукаку, откри дека негова фудбалска инспирација е Карим Бензема, Французинот кого го смета за свој фудбалски идол.
Во интервју за италијанската „Газета дело спорт“, белгискиот голгетер без двоумење ја откри својата мотивација.
„Меси, Роналдо, Левандовски, Ибра – сите тие се величини. Но, мојот идол е Бензема. Тој ја освои Златната топка на 34 години. Сакам да одам по истиот пат“, изјави Лукаку.
По неколку турбулентни сезони исполнети со повреди, несигурност и постојани трансфери, Ромелу Лукаку пронајде стабилност и форма во Наполи. Во својата прва сезона под водство на Антонио Конте тој стана клучен дел од тимот што го освои Скудетото, постигнувајќи 14 гола во Серија А.
„Секогаш има простор за напредок. Дома имам своја сала за вежбање, се трудам секојдневно. Менталитетот е клучен, како што вели и Леброн Џејмс“, додаде Лукаку, ставајќи акцент на дисциплината и личната посветеност.
Со нова енергија и јасна цел, Лукаку е подготвен да биде лидер на Наполи и во новата сезона. Партенопеите ќе ја започнат сезоната за одбрана на титулата на 23 август против Сасуоло.