Мадрид очекува заработка од 25 милиони евра од Суперкласико

Мадрид е подготвен за суперспектаклот што неочекувано ќе го организираат во недела, а од реванш-мечот во финалето на Копа Либертадорес меѓу Ривер плате и Бока јуниорс заработката ќе биде околу 25 милиони евра, тврди професорот за маркетинг, Жаиме Фортуњо.

„Тоа е вистински спектакл што ќе привлече многу фудбалски симпатизери. Очекувам приходот што ќе го оствари градот Мадрид да биде околу 25 милиони евра. Половина од тие пари ќе се потрошат за сместување и за хотели, 20 проценти од заработката ќе имаат рестораните, а, секако, ќе има зголемена продажба на сувенири и слични трошоци што ќе ги направат гостите“, вели Фортуњо.

По инцидентите пред реваншот што требаше да се игра на стадионот „Ел Монументал“ на Ривер плате во Буенос Аирес, Јужноамериканската конфедерација доби понуда од Мадрид и ја прифати, реваншот да се игра на деветти декември, во недела, од 20.30 часот на „Сантијаго Бернабе“.

Најавена е зголемена безбедност поради опасните навивачи на двете екипи, а се очекува да бидат ангажирани околу 2 илјади припадници на силите за безбедност во Мадрид.

Првиот меч на „Ла Бомбонера“ заврши нерешено, 2-2, а во финалето на Копа Либертадорес не важи правилото за повеќе постигнати голови на гости при израмнет вкупен резултат, па би имало пенали ако и во Мадрид биде нерешено.

- Оглас -

Најнови вести