Фудбалската репрезентација на Македонија одигра 1-1 против големиот фаворит Белгија на Арената „Тодор Проески“ во Скопје, во квалификациите за Светското првенство 2026. По ова реми, Македонија има пет бода и се наоѓа н втората позиција, зад Велс (7) кој со 3-0 го победи Лихтенштајн.
Alioski | 🇲🇰 North Macedonia 1-1 Belgium 🇧🇪pic.twitter.com/ybXCENcAVI
— Goals Xtra (@GoalsXtra) June 6, 2025
Езгјан Алиоски постигна фантастичен гол за Македонија во 87-та минута, кога со волеј-удар ја зафати топката по додавањето од Чурлинов. Тоа предизвика ерупција на трибините на нашиот најголем стадион.
Стрелец на единствениот гол за Белгија беше Максим де Кујпер во 29. минута. Тој се најде на вистинското место по една мешаница пред нашиот гол – шутот на Лукаку беше блокиран од македонската одбрана, но топката одбиена стигна до Де Кујпер, кој од непосредна близина ја смести во мрежата.
Македонија можеше да поведе само две минути пред голот на Белгија. Во 27. минута, Елиф Елмас со силен удар од 25 метри ја погоди стативата, а веднаш потоа, по одбиената топка, и Езџан Алиоски ја погоди спротивната статива – вистинска несреќа за „црвено-жолтите“.
Енис Барди се обиде од слободен удар пред крајот на првиот дел, но погоди во живиот ѕид.
Македонија постигна гол на самиот почеток од второто полувреме, но радоста беше краткотрајна. Во 48-та минута, Елиф Елмас со прецизен удар ја затресе мрежата на белгискиот голман Матс Селс, но судијата веднаш сигнализираше дека ќе се врши проверка на ситуацијата преку ВАР-системот.
По долга анализа која траеше повеќе од три минути, беше донесена одлука голот да не се признае. Причината беше офсајд позиција на Бојан Илиевски, кој, иако не ја допре топката, се најде во линија на ударот на Елмас и, според проценката на ВАР-собата, го попречувал видното поле на Селс и влијаел на акцијата.
Во 70-та минута, Белгија го погоди дирекот. Доку продре по левата страна, уфрли во средината, а Николас Раскин го погоди дирекот, оној истиот што во првото полувреме го погоди и Алиоски.
Но, Македонија не се откажа и притискаше за израмнување. На крајот, тоа што Алиоски не го реализира во првиот дел ког погоди дирек на празен гол, го надомести со фантастичен гол за реми (1-1) во финишот од дуелот.
Македонија останува непоразена и сега оди на мегдан во Астана против Казахстан во понеделник.