Мајами го возврати ударот и победи во Бостон

Мајами хит поведе со 2:1 во финалната серија на источната конференција во НБА плејофот, откако славеше во првиот меч одигран на гостински терен во Бостон. Тимот кој имаше најдобар скор по регуларниот дел, уште од самиот старт на средбата започна фуриозно.

Гостите прво поведоа со 16:4, а по првата четвртина резултатот беше неверојатни 21 поени предност за Мајами (39:18). На почетокот на втората четвртина, предноста на Жешките стигна и до 46:20 (+26 поени), но Бостон не се предаде и се обиде да не ги разочара своите навивачи. Домаќините полека ја намалуваа предноста на противникот и во еден момент од последната четвртина стигнаа само на еден поен негатива (92:93).

Сепак, Бостон немаше сила за целосен пресврт, па Мајами кога беше најпотребно, направи нова добра серија од поени и поведе со 103:94 и беше јасно дека гостите ќе се радуваат на триумф.

Бам Адебајо буквално ги растури Селтикс и на крајот имаше 31 поени, 10 скока, шест асистенции и четири загубени топки. Кај Бостон најпрецизен беше Џајлен Браун со 40 поени, но тој беше единствениот расположен кошаркар кај домаќините, а тоа беше премалку за победа.

- Оглас -

Најнови вести