Славниот американски спринтер кој своевремено ги држеше светските рекорди на 200 и 400 метри, Мајкл Џонсон, вели дека закрепнувањето од мини-срцевиот удар (исхемија) кој го имаше пред два месеци оди добро, но повеќекратно му се намалени психомоторичките можности.
Џонсон сега има 51 година, вели дека во него постои олимпискиот дух и ќе се врати посилен од претходно. Џонсон беше прв атлетичар што победил на 200 и 400 метри на исти Олимписки игри.
„Првиот пат кога шетав околу болницата, иронично, минав 200 метри. Некогаш бев најбрз човек на светот на оваа дистанца, 200 метри ги трчав за помалку од 20 секунди, а тогаш ми требаа повеќе од 15 минути, и тоа со помош“, вели човекот кој имаше 19.32 на 200 метри, но тој рекорд беше соборен од Јусејн Болт.
„Тоа не ме демотивираше, напротив, ме охрабри. Во мене постои олимпискиот менталитет и се сконцентрирав на секоја сесија да бидам подобар, како кога се подготвував за големите настани“, додава популарниот МЏ, кој веќе може нормално да оди и си ги врати координацијата и балансот.