Ракометната репрезентација на Македонија вечерва ќе ги дознае противниците за Европското првенство во 2026 година. Ждрепката за континенталниот собир ќе се одржи во данскиот град Хернинг вечерва во 19 часот.
За Македонија ова ќе биде деветто учество на Европските првенства, односно осмо по ред. Нашите ракометари се дел од третиот шешир, па ќе добијат условно два поквалитетни ривали и еден послаб.
Во првиот шешир се Франција, Данска, Шведска, Германија, Унгарија и Словенија, додека во вториот се селекциите на Португалија, Норвешка, Исланд, Хрватска, Шпанија и Фарските Острови.
Со оглед на тоа дека ние сме дел од третиот шешир, Македонија нема да може да биде во иста група со Австрија, Холандија, Црна Гора, Чешка и Полска.
Во најслабиот шешир се репрезентациите на Грузија, Србија, Швајцарија, Романија, Украина и Италија.
Европското првенство ќе се игра од 15 јануари до први февруари 2026 година во Данска, Норвешка и Шведска. Натпреварите ќе се играат во четири сали во четири града. Данците ќе ги пречекаат најдобрите европски селекции во Хернинг, Норвешка е домаќин во предградието на Осло, Берум, додека во Шведска ќе се игра во два града, Кристијанстад и Малме.
Веќе е познато дека во групата „А“ ќе биде селекцијата на Германија, а во групата „Б“ е домаќинот Данска. Овие две групи ќе се играат во Хернинг. Во Берум, во групата „Ц“ е Норвешка, додека во групата „Д“ се распоредени Фарските Острови. Шведска ќе биде дел од групата „Е“ во Малме, додека во групата „Ф“, која се игра во Кристијанстад, ќе игра Исланд. Сите останати репрезентации своите противници ќе ги добијат со ждрепка.