Македонија ЃП со „лавовска“ игра до три бода во Штип, Тиквеш и со двајца играчи помалку даде гол и се спаси од пораз

Македонија Ѓорче Петров триумфално ќе се врати од гостувањето во Штип кај Брегалница, откако победи со 3:2, во меч од 13. коло на Прва фудбалска лига на Македонија. Гостите од Ѓорче Петров одиграа одлично прво полувреме во кое со головите на Мишевски (23 минута), Стојков (26 минута) и Алија во 44 минута стигнаа до убедлива предност од 3:0.

Во вториот дел, Брегалница се обиде да се врати во игра и за само 10 минути постигна два гола. Велкоски и Калпачески беа прецизни за домаќините за 2:3, но до крајот на дуелот штипјани немаа сили за трет погодок со кој ќе се спасеа од пораз.

Работнички со погодокот на младинскиот репрезентативец Стефан Деспотовски стигна до значајна победа против Силекс. Дефанзивецот погоди во 54 минута, а Работнички во последните 20-тина минути беше со играч помалку по исклучувањето на Стојановски, но домаќините ја задржаа предноста и освоија три битни бодови.

Драматично беше на мечот Тиквеш – Гостивар, а на крајот двата тима освоија по еден бод. Гостивар водеше со 2:0, но домаќините не се предадоа. Спахиу прво погоди за 1:2 во 38 минута, а потоа Тиквеш доби два црвени картони во второто полувреме, но и тоа не ги обезхрабри домаќините. Ивановски со погодок во 90+1 минута донесе голема радост за домашните фанови.

Без победник беше и во Охрид, каде Воска и Брера одиграа 1:1 во дуел на кој гостите во последните 10-тина минути беа со играч помалку.

Резултати: Брегалница – Македонија ЃП 2:3, Работнички – Силекс 1:0, Тиквеш – Гостивар 1:2, Воска – Брера 1:1. Утре играат: Шкупи – Вардар и Струга ТЛ – Шкендија.

- Оглас -

Најнови вести