На Македонија ќе ѝ треба уште едно германско чудо и реприза од историската победа против Германија за да се надева на второто место во Ј групата и настап во баражот за Мундијалот во Катар.
Неверојатно изгледа податокот дека доминиравме против Ерменија, Исланд и Романија и на сите три септемвриски квалификациски натпревари имавме најмалку над 55 отсто посед на топката, но ниту еднаш не победивме.
Особено трагично е ремито во Рејкјавик, кога имавме сигурна игра и победа в раце со предност од 2:0 до 78-мата минута и ја прокоцкавме само за 360 секунди.
Наместо да го нокаутираме противникот, кој беше загубен на теренот и апсолутно инфериорен, си дозволивме луксуз да ни израмнат во последните 15-тина минути, со што загубивме драгоцени два бода.
Доминиравме во поле и против Ерменија и со Романија во Скопје, но не постигнавме ниту еден гол, па неповратно си заминаа уште четири бода.
Македонија веројатно заслужи 9 бода од трите меча, но освои само три во новата ера под команда на новиот селектор Благоја Милевски.
Нервозата е очигледна и кај навивачите и кај играчите и селекторот. Изјави од типот дека „Македонија игра најубав фудбал во историјата“ не поминуваат и се одраз на нервоза кај селекторот. Особено во ситуација кога не се победува. Има многу критики, трпеливоста никогаш не ни била силна страна, а шансите реално се мали за настап на Светското првенство во Катар.
Ќе ни треба нов подвиг против Германците, овојпат во Скопје, но сега во поинакви услови. Ханси Флик експресно го дотера Елфот по мерка и Германија гази на патот кон Катар, па на изненадување и слабост на фаворитот нема да можеме да сметаме кога ќе ни гостуваат во Скопје. Победата во март во Дуисбург одекна како првокласна сензација во светот на фудбалот и на 11 октомври евентуална реприза би била ново светско чудо.
Ние очигледно не успеваме брзо да се консолидираме по историскиот настап на ЕП и без неколку клучни играчи што беа заслужни за учеството во Букурешт и Амстердам.
Ни фали капитенот Горан Пандев, кој се прости од репрезентацијата, го немавме во септемврискиот циклус ниту вториот клучен играч Аријан Адеми, а како функциорнираше нападот, очигледно е дека не можеме ниту без Илија Несторовски, кој е повреден.
Вториот проблем е што во текот на квалификацискиот циклус направивме смена на селекторската позиција. Игор Ангеловски си замина, дојде Благоја Милевски, и двајцата со своја, но и македонска фудбалска историја.
Ангеловски е првиот селектор што водел А селекција на Македонија на Европско првенство, а Милевски пред него го стори тоа, но со младата селекција што играше на ЕП во Полска во 2017 година.
Популарниот Сер Боби влета во незгоден момент, кога има трансформација во репрезентацијата, а нема време за чекање. Ангеловски нè остави во добра позција, на второто место на табелата во Ј групата, а сега само по три одиграни натпревари сме четврти.
Тоа е факт што не може да се избегне, а за убавина во играта и доминација не се добива ништо во модерниот фудбал ако не се победува. Бодови се освојуваат со голови, а не по заслуга, иако Македонија и против Ерменија и со Исланд и против Романија заслужи многу повеќе од три ремија.
На новиот селектор мора да му се даде шанса да го продолжи замислениот проект најмалку од две причини. Дојде во незгоден момент и немаше на располагање двајца клучни играчи, па во таква ситуација тешко е да се „измисли“ квалитет што очигледно ѝ фали на Македонија на одредени позиции и сегменти од играта.
Второ, Милевски одлично ги познава грото од репрезентативците од помладата генерација, со кои приреди уникатен подвиг во квалификациите за настап на младинското ЕП во Полска. Да се надмудри една велесила каква што е Франција, потоа и Украина, Исланд, Шкотска и Северна Ирска е голем подвиг, а Милевски како селектор и Барди, Велковски, Муслиу и уште десеттина играчи, сега веќе стандардни репрезентативци, го сторија речиси невозможното и се пласираа на ЕП.
Селекторот сигурно не заборавил фудбал, тактика, стратегија, но треба и време и доверба за да се склопи новиот мозаик за поголеми успеси и подобри резултати.
Шансите не се загубени, иако со „заслужените“ победи во септември ќе беа огромни, но сега на мака треба да се познаат јунаците.
На 8 октомври мора да се победи Лихтенштајн како загревање за мегадуелот со Германија во Скопје на празникот 11 Октомври.
Критики секогаш треба да има, а грешеа и селекторот и играчите, но треба и поддршка од сите што го сакаат фудбалот во Македонија за да се остане во игра до крај на квалификациите за подвиг и чудо и сега како краен дострел настап во баражите за пат во Катар.
Играчите со борбеноста и желбата за победи заслужија малку повеќе да се верува во нив, а секако болат свирежите од трибините кога очигледно ја надигравме Романија, која по фудбалско педигре, рејтинг, историја е пред нас.
Во последните четири кола во кои Македонија ќе игра со Лихтенштајн на гости, потоа со Германија дома, против Ерменија на гости и со Исланд во Скопје.
Пред продолжение на натпреварите во октомврии на четири кола до крајот на квалификациите изгледот на табелата е следен:
Германија 15 бода, Ерменија 11, Романија 10, Македонија 9, Исланд 4 и Лихтенштајн еден бод.
На СП ќе игра сигурно само првопласираната репрезентација, а селекцијата што ќе биде втора ќе игра два бараж круга со уште 11 репрезентации за едно од трите последни места од Европа на Мундијалот во Катар.