2.8 C
Skopje
понеделник, 17 ноември 2025

Пелистер декласиран од Цедевита

Македонскиот суперлигаш Пелистер го доживеа третиот пораз во ФИБА Европа купот откако вечерва на домашен терен загуби од Цедевита Јуниор со убедливи 74-95.

Со ова битолскиот тим остана на последното место на табелата, а пласманот во топ 16 фазата останува само теоретска опција.

Пелистер беше конкурентен само во третата четвртина, кога успеа целосно да ја достигне високата предност на Цедевита Јуниор и да израмни на 56-56. Од финишот на првата четвртина, Хрватите држеа двоцифрена предност, но битолчани се доближија со серија од 11-0 за 48-52 и потоа израмнија.

Сепак, не го издржаа темпото, Цедевита Јуниор возврати со 12-2 за нова двоцифрена предност, средината на последната четвртина ја започнаа со 62-81, а наскоро потоа разликата порасна на 23 поени (68-91).

Најефикасен кај Пелистер беше Дејвис со 21 поен, додека Вилсон постигна 16, а Митревски 15. Најголемо разочарување беше најдобриот стрелец на тимот, Остин Прајс, кој речиси за 20 минути постигна само два поена со шут од игра 1/9.

Во следното коло, Пелистер ќе гостува кај Приевидза, единствената екипа која ја победи во досегашниот дел од сезоната.

- Оглас -

Најнови вести