Македонија ќе биде на 14 или 15 место на крајот на ЕП

Македонската ракометна репрезентација ги заврши настапите на Европското првенство, а сега останува само да се дознае и конечниот поредок. За комплетирање на групната фаза, денеска треба да се одиграат уште двата меча од Е групата меѓу: Исланд – Унгарија и Русија – Данска.

Според досегашните резултати, Македонија има два бода и гол разлика од минус 5. Со оваа гол разлика сме подобри од Црна Гора која исто така има два бода, од Холандија која е со 2 бода и од Швајцарија, од селекциите кои се третопласирани во своите групи. Единствено Франција која е трета во Ц групата е со подобра гол разлика од Македонија.

Со таквиот распоред, Македонија го има загарантирано 15-тото место на ЕП, а во зависност од резултатот на дуелот Русија – Данска, може да напредуваме една позиција. За да бидеме 14-ти на крајот, треба да чекаме Русија да ја победи Данска и тоа со не повеќе од седум разлика.

Како и да е, ова ќе биде најлош пласман на Македонија на континентални собири. Во 2018 и 2016 година завршивме на 11 место, во 2014 година бевме 10-ти, а на ЕП во Србија завршивме на петото место. Дури и на првиот евро настап во Италија во 1998 година бевме на 12 место, но тогаш имаше само 12 учесници во завршницата, што значи дека сме биле последнопласирани.

- Оглас -

Најнови вести