Македонија киксираше и не победи против Казахстан

Младата фудбалска репрезентација на Македонија киксираше на свој терен против Казахстан откако одигра само 1:1 во квалификациите за Европско првенство. Нашите надежи може да жалат што не ги освоија трите бода бидејќи беа подобри на теренот, имаа водство од 1:0, но на крајот мораа да се задоволат само со еден освоен бод.

Добро започна мечот за избраниците на Благоја Милевси. Почетната офанзива резултираше со погодок на капитенот Милан Ристовски, кој искористи еден кикс на одбраната на гостите и шутираше прецизно за радост на стадионот на комплексот „Петар Милошевски“ во Скопје.

Македонија напаѓаше, но не успеа да даде уште еден погодок. Во второто полувреме, во нашиот состав беа направени четири измени, а тоа како да го наруши ритамот на играта. Казахстан, кој речиси и да немаше ниту една посериозна шанса за гол, стигна до погодок во 75-тата минута, кога Омиртаев прецизно биеше и ја затресе мрежата на Македонија.

Македонија се обиде повторно да стигне до водство, но гостите добро се одбранија, па на крајот двете селекции освоија по еден бод. По три одиграни меча, Македонија е лидер во групата со 7 бодови, колку што има и Казахстан, но од пет меча. Шпанија е со шест бода од два меча, а потоа следат Израел со три бода од еден дуел, Црна Гора со три бода од четири меча и аутсајдерот Фарски Острови, кои немаат ниту еден бод од три меча.

- Оглас -

Најнови вести