29.8 C
Skopje
петок, 11 јули 2025

Македонија не може да биде втора во група од Лигата на нациите, а цел ни е второ место во квалификациите за ЕП 2024

Повеќе од 20.000 навивачи синоќа разочарани си заминаа од арената „Тодор Проески“ затоа што Македонија загуби од Бугарија со 0:1. По овој пораз, Македонија заврши на третото место од четири селекции во групата од Лигата на нациите.

Грузија е убедливо прва, Бугарите се изборија во директен дуел да бидат пред Македонија, а зад нас останаа само аматерите од Гибралтар. Во една ваква ситуација, Македонија сега стравува и да падне во петиот шешир пред ждрепката за квалификациите за Европското првенство 2024 година.

Доколку паднеме во петиот шешир, тоа значи дека четири селекции во групата каде што ќе игра Македонија ќе бидат со поголем коефицинет од нашиот и едноставно ќе бидат со поголеми шанси за место на континенталниот собир.

На ЕП 2024 година ќе се пласираат првопласираните две селекции од секоја група во квалификациите. Македонија еднаш веќе успеа да биде втора во квалификации, и тоа во тие за СП 2022, кога завршивме веднаш зад Германија.

Сепак, сега ќе биде многу потешко тоа да се направи. Факт е дека Македонија не успеа да биде ниту втора во Лигата на нациите, каде што играше во група со три противници кои се релативно на исто фудбалско ниво со нашето. Во една таква ситуација, Македонија на Грузија не ѝ даде ниеден гол и загуби двапати со вкупна гол-разлика 0:5, додека во клучниот меч со Бугарија капитулиравме дома.

Селекторот Благоја Милевски ја презеде репрезентацијата по завршувањето на Европското првенство и досега има 15 мечеви како предводник на националниот тим. Во овие 15 дуели, Милевски има биланс од шест победи, пет порази и четири нерешени. Македонија во овој период постигна вкупно 22 гола, а прими 16 погодоци.

Со Милевски на чело успеавме да направиме чудо и да ја елиминираме Италија во Палермо, но и двапати да добиеме „лекција“ од Грузија, која само пред две години ја победивме во Тбилиси во најважниот меч, како и да капитулираме од подмладената Бугарија.

Сега останува на 9 октомври да видиме кои противници ќе ни ги донесе ждрепката во Франкфут, во квалификациите за ЕП 2024 година и дали може во следните 12 месеци да се направи чудо и овие очајни натпревари од Лигата на нациите да се заменат со фудбал и резултати кои ќе донесат радост кај навивачите.

 

- Оглас -

Најнови вести