Македонија оди по хет-трик против Казахстан

Македонската репрезентација до 21 година е подготвена за утрешниот предизвик против Казахстан, а целта е да се забележи и третата победа и да се задржи чекорот во битката за пласман на Европското првенство 2021 година.

Под команда на Благоја Милевски, во првите две кола ги победивме Фарски Острови со 7:1 на домашен терен и Црна Гора со 2:1 во Подгорица, па оптимизмот расте за нов настап на младинците на ЕП.

„Против Црна Гора остваривме значајна победа, иако натпреварот воопшто не беше лесен. Сепак, и покрај некои наши грешки и недостатоци во играта за кои зборуваме и работиме со селекторот и стручниот штаб, успеавме да победиме.  Натпреварот со Казахстан ќе биде сосема поразличен. Противникот е квалитетен, физички се силни, но сметам дека со вистински пристап можеме да дојдеме до нови три бода. Не се сомневам дека заеднички повторно ќе дадеме сѐ од себе и на крајот ќе се радуваме, вели напаѓачот Милан Ристовски.

И оваа генерација има штоф вреден за настап на Европско првенство, а покрај помладиот брат на Стефан Ристовски, тука се и Чурлинов од Келн, Митровски од Спортинг Лисабон, Атанасов од Бурсаспор, Даци од Коњаспор и уште дузина квалитетни играчи кои веќе се дел од познати европски екипи.

„Ги оставаме зад нас првите два натпревари во кои остваривме две победи. Секогаш е специфично да се добие натпревар против противник за кој јавноста смета дека ќе биде лесно. Казахстан воопшто не е наивна репрезентација. Играат брзо, тактички се одлично подготвени и мораме да бидеме многу внимателни и добри во дуелите доколку сакаме победа. Наше е да го одиграме тоа што го бара селекторот, а доколку успееме во тоа, мислам дека сме на вистинскиот пат“, вели играчот на Истра, Агрон Руфати.

Казахастан има две победи и два порази, а утре ќе ни биде гостин на теренот на ФФМ во населбата Аеродром од 14.30 часот.

- Оглас -

Најнови вести