Машкиот Евробаскет во 2021 година треба да има 24 учесници, а бидејќи е одлучено четири земји да бидат домаќини, преку квалификациите ќе треба да влезат само 20 тима, а тоа значи и изменет начин на пополнување од тој што го планираа во ФИБА Европа.
Ждрепката за изгледот на квалификациските групи ќе се изврши в понеделник во Минхен, а и македонската репрезентација со нетрпение ќе ги чека ривалите.
Засега сигурни учесници на ЕП 2021 се домаќините Германија, Италија, Чешка и Грузија, а во квалификациите, освен нашата, сигурно ќе играат и следните 23 селекции: Австрија, Белгија, БиХ, Бугарија, Хрватска, Естонија, Финска, Франција, Грција, Унгарија, Израел, Летонија, Литванија, Црна Гора, Холандија, Полска, Русија, Србија, Словенија, Шпанија, Шведска, Турција и Украина.
Останатите места треба да ги пополнат четирите победници на августовските квалификации во кои ќе играат тимовите кои немаат обезбедено место во квалификациите, а тоа се Швајцарија, Португалија, Исланд, Луксембург, Косово, Велика Британија, Словачка, Кипар, Романија, Албанија, Белорусија и Данска.
Бројот од 28 тимови во квалификациите значи дека ќе има групи со по три, но некои групи ќе бидат и со четири репрезентации. Ова е новина бидејќи од ФИБА најавуваа дека во квалификациите ќе играат 32 тима (осум групи по четири тима) и првите три од секоја група одат на ЕП.
Квалификациите ќе почнат на 17 февруари 2020 и ќе се играат во три циклуси (февруари 2020, ноември-декември 2020 и февруари 2021) со по два меча.