Македонија загуби и од Русија

Македонската ракометна репрезентација го загуби и четвртиот меч во низа на Светското првенство во Германија и Данска. Во меч за разигрување од 13. до 16. позиција, Македонија загуби од Русија со 30:28. Овој пораз значи дека Македонија ќе биде или на 15 или на 16 место на крајот од Мундијалот. Последен противник на овој турнир ќе ни биде поразениот од мечот меѓу Чиле и Катар.

Против Русија, Македонија започна добро и поведе со 4:2, но потоа нашите ракометари влегоа во серија грешки. Иако игравме со „7 на 6“ во нападот, четири пати по ред грешевме во додавањата, а Русија тоа лесно го казнуваше и погодуваше на празен гол. Со серија од 6:0, Русите во 10 минута поведоа со 8:4, а по побараниот тајм-аут, Раул реши да се откаже од играта „7 на 6“.

Македонија успеа да стигне до 10:10, но во продолжение Русите повторно заиграа подобро, стигнаа и до 17:12, а на полувреме заминаа со три гола предност. Во второто полувреме, на терен во нашиот состав се најдоа и оние помлади играчи кои поголем дел од првенството беа на клупата за резерви.

Во текот на целото второ полувреме Русија имаше контрола на резултатот и на крајот заслужено стигна до победата.

Капитенот Кирил Лазаров со 9 гола од 11 обиди беше најефикасен кај Македонија. Жарко Пешевски даде пет гола, а по три пати погодија Георгиевски и Талески. Два гола постигнаа Крстевски и Кузмановски, а по еднаш во листата на стрелците се запишаа Стоилов, Танковски и Поповски. Митревски имаше 16 одбрани и еден погодок.

За играч на меч беше прогласен рускиот голман Виктор Киреев кој имаше дури 20 одбрани.

- Оглас -

Најнови вести