Македонија тргна со победа на Европското првенство во ракомет, среде Виена беше совладана селекцијата на Украина со минимални 26:25. Бомбардерот Кире Лазаров беше човекот од одлука во последните секунди, неговиот седми погодок на мечот ги донесе првите два бода за нашата репрезентација.
По мечот, Манасков истакна дека е најважно што победничкиот старт е остварен, меѓутоа во иднина треба да се избегнуваат грешки кои во счучајот ја доведоа Украина да се надева дека може да се избори за позитивен резултат.
„Битно е дека ги освоиме двата бода. Имавме шанса да го приведеме мечот кон мирен крај, меѓутоа се случија некои грешки и им дозволивме да се доближат. На 4 разлика им подаривме неколку лесни голови на празен гол, ќе гледаме во иднина тоа да не се случува. Сепак најважно е што тргнавме со победа“, истакна Манасков.
Сличен став имаше и најкорисниот играч на мечот, Филип Талески.
„Убаво е да се тргне со победа на едно големо натпреварување, тоа е најважно. И оваа победа треба да ни биде поука за следните натпревари, бидејќи крајот можеше да има сосема различен тек. Цело 50 минути го држевме резултатот во наши раце, но дозволивме да стравуваме и да одлучуваме во последниот напад. Лазаров ја презеде одговорноста, но во следните натпревари не смееме да дозволиме такво нешто“, изјави Талески.