Келвин Филипс пред само 18 месеци за 49 милиони евра дојде од Лидс јунајтед во Манчестер сити. Иако фудбалерот од средината на теренот се очекуваше да биде големо засилување за „граѓаните“, сепак тој одигра само 911 минути и ниту еднаш оваа сезона не беше стартер за актуелниот освојуваш на Премиер лигата и Лигата на шампионите.
Неговиот договор со Манчестер сити е со важност до 2028-мата година, но Пеп Гвардиола одлучи дека нема да смета на фудбалерот и тој може да си бара нов клуб. За неговите услуги интерес веднаш покажа екипата на Њукасл, но само да го позајми до крајот на сезоната, бидејќи има проблеми со финансискиот фер-плеј. Сепак, и за позајмицата, Њукасл ќе мора да плати осум милиони евра, а потоа задолжително и да го откупи неговиот договор на крајот од тековнава сезона.
Обесштетувањето ќе изнесува 58 милиони евра, односно вкупно 66 милиони евра заедно со сумата која ќе ја платат „страчките“ за неговата позајмица.
Се шпекулира дека и Јувентус бил заинтересиран за неговите услуги, но фудбалерот сакал да остане во Премиер лигата и да биде поблиску до селекторот за да се избори за место во репрезентацијата за настапот на Европското првенство во Германија.