Мане откри што му рекол на Салах по завршување на финалето

Садио Мане и Мохамед Салах се двете најголеми ѕвезди на Ливерпул и, секако, многу заслужни за успесите на овој тим во последните неколку години. Мане и Салах во неделата мораа да бидат противници, и тоа во финалето на Африканскиот куп на нациите.

Сенегал со Мане и Салах како капитен на Египет играа за трофејот, а на крајот Мане се радуваше, и тоа дури по подобро изведување на пеналите откако по 120 минути беше 0:0. Мане го даде последниот погодок за Сенегал, додека Салах остана во солзи да жали за пропуштениот трофеј.

По завршување на мечот, Мане не заборави на Салах и дојде до него, го прегрна и му кажа нешто. Мане сега реши да открие што му рекол на својот соиграч од Ливерпул.

„Му реков дека и понатаму тој е одличен фудбалер и дека е задоволство да се биде со него во ист тим. Тој даде сè за својата земја и многу го почитувам. За жал, не победи, но тоа не значи дека е крај. Му реков дека има уште многу трофеи што ќе ги освои, а тука е и Африканскиот куп на нациите, кој повторно ќе се игра за две години. Египет има млад тим и можно е еден ден да го освои трофејот“, рече Мане.

- Оглас -

Најнови вести