Мане сака кариерата да ја заврши во Ливерпул

Ливерпул попладнево го пречекува Тотенхем во дербито од 10-тото коло во Премиер лигата, во кое европскиот првак е во мисија да ја одржи серијата без пораз на 10 меча. Црвените досега добија осум од вкупно девет натпревари во шампионатот, единствениот кикс им е ремито со Манчестер јунајтед од изминатиот викенд, а сега второ коло во низа ќе игра дерби.

Воедно, дуелот против Тотенхем е реприза од минатосезонското финале во Лигата на шампионите, во кое Ливерпул со конечни 2-0 ја освои шестата титула. Еден од клучните играчи на Јирген Клоп во денешното дерби ќе биде Садио Мане, офанзивецот кој во пет наврати досега ги тресеше мрежите во Премиер лигата.

Колку всушност Мане е таличен за Црвените, говори фактот што Ливерпул досега нема загубено меч на „Енфилд“ кога Мане е на теренот. Експлозивното крило на шесткраниот европски шампион во пресрет на овој меч говороше околу својот престој на Мерсисајд и откри дека сака да ја заврши кариерата во црвениот дрес.

„Пресреќен сум, чест е да се биде дел од овој клуб. Ливерпул е посебен клуб, тука доживеав многу убави моменти и научив работи за кои претходно не бев свесен. Атмосферата во соблекувалната е фантастична, оваа екипа долго време е заедно и голем придонес има тоа што се дружиме и вон фудбалски активности. Не би го менувал Ливерпул за ниту еден друг клуб, тука сакам да ја завршам кариерата. А, како да не бидам среќен кога играм покрај толку квалитетни играчи, особено партнерството кое го негуваме со Фирмино и Салах во нападот. Поради нив и ја играм на високо ниво. Без нив немаше да ја освојам титулата во Лигата на шампионите“, истакна Мане.

Дуелот Ливерпул – Тотенхем е закажан во 17:30 часот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести