Мане во Баерн одбра број на дрес кој најчесто го носеле дефанзивци

Садио Мане во Баерн Минхен ќе го носи дресот со бројот 17, што е малку изненадувачки затоа што се најавуваше дека Лерој Сане ќе му ја отстапи „десетката“. Мане е нов играч на германскиот шампион откако за 32 милиони евра (ќе има плус неколку милиони и од бонуси) реши да си замине од Ливерпул и да го облече дресот на најтрофејниот клуб во Германија.

Дресот со бројот 17 во Баерн Минхен досега не го носеле некои прославени офанзивни фудбалери, а од оние попознатите, овој број го носеле Кристијан Циге (лев бек), Џером Боатенг (централен дефанзивец) и Марк ван Бомел (дефанзивен играч за врска).

„Го одбрав бројот 17 и сакам со тој дрес да се радувам на многу успеси во Баерн Минхен. Сега се радувам на подготовките кои треба да ги одработиме со моите нови соиграчи“, рече Мане.

Сенегалецот додека играше во Ливерпул, го носеше дресот со бројот 10, па се очекуваше дека и во Баерн ќе ја добие истата бројка, но тоа не се случи, па сега ќе треба да се навикнеме да го гледаме Мане со бројот 17 на својот грб.

 

- Оглас -

Најнови вести