Марјан Радески нападнат во Тетово, но случајот нема врска со фудбалскиот меч против Шкендија

Поранешниот македонски репрезентативец и актуелен фудбалер на Струга Трим-Лум, Марјан Радески, бил нападнат по денешниот куп-дуел против Шкендија, во којшто беше стрелец за својот тим.

Инцидентот се случил во Тетово веднаш по завршувањето на натпреварот, но од клубот на Радески вечерва излегоа со официјално соопштение во кое потенцираат дека нападот нема никаква врска со фудбалот или со противничкиот тим.

„Би сакале да ги расчистиме сите дилеми околу инцидентот кога нашиот фудбалер Марјан Радески беше нападнат по мечот со Шкендија. Според она што фудбалерот им го објаснил на официјалните лица, она што се случило воопшто не е поврзано со фудбалот, уште помалку со Шкендија или пак со фановите на тетовскиот клуб“, се наведува во соопштението на клубот од Струга.

Од Струга ТЛ се заблагодарија на Шкендија за, како што велат, „добрата организација и секогаш добриот однос кон нашиот клуб“.

Натпреварот меѓу Шкендија и Струга ТЛ заврши во спортска атмосфера, но инцидентот по неговото завршување фрли сенка врз настанот. Се очекува надлежните органи да спроведат истрага и да го расветлат случајот.

- Оглас -

Најнови вести