Мбапе го тужеше ПСЖ за 55 милиони евра, а сега францускиот првак го возвраќа ударот и бара двојно повеќе

Сагата околу заминувањето на Килијан Мбапе од ПСЖ сè уште трае и не е донесена конечна разврска. Французинот стана нов играч на Реал Мадрид пред почетокот на оваа сезона, а оттогаш има голема борба за пари помеѓу Мбапе и ПСЖ. Откако пристигна во Реал, Мбапе го тужеше ПСЖ, тврдејќи дека парискиот клуб му должи 55 милиони евра за плати и бонуси за минатата сезона.

Судењето по тоа обвинение започна во понеделникот, а адвокатите на ПСЖ ги отфрлија тие тврдења и најавија контратужба во која бараат дури 98 милиони евра од Мбапе.

Адвокатите на ПСЖ изјавија дека Мбапе нема докази дека клубот му должи пари.

„Тужбата на Мбапе против ПСЖ е неоснована, а вистинскиот факт е дека тој му должи пари на клубот“, рекоа тие.

Имено, во летото 2023 година, на почетокот на последната година од неговиот договор, Мбапе усно му ветил на претседателот на ПСЖ, Насер Ал-Келаифи, дека ќе ја продолжи соработката со клубот до 2025 година.

Сепак, во февруари минатата година Мбапе објави дека ќе го напушти ПСЖ во летото 2024 година, кога му истекува договорот.

Затоа ПСЖ бара Мбапе да му плати на клубот 98 милиони евра за прекршеното ветување.

„Тој договор не беше обврзувачки бидејќи не беше формален ниту потпишан и нема докази дека постоел договор. Од друга страна, бараме 55 милиони евра отштета бидејќи клубот го исфрли Мбапе од тимот откако тој објави дека го напушта клубот на крајот од сезоната“, рекоа адвокатите на Мбапе.

- Оглас -

Најнови вести