Една од најсилните лиги во Европа го менува системот на натпеварување

Белгиското фудбалско првенство ќе претрпи драстични промени. Решено е за две сезони да се укинат плејофот и плејаутот, систем кој беше во сила во претходните сезони. Со овие плејоф и плејаут лиги значително се продолжува сезоната, но од сезоната 2026/27 ќе биде поинаку.

Популарната Јупилер лигата во Белгија ќе започне да го користи форматот сличен на Бундеслигата.

Во лигата ќе има 18 клуба, а ќе се одиграат 34 редовни кола. Шампионот и вицешампионот ќе се пласираат во баражот за Лигата на шампионите, а уште две места низ првенството ќе водат во Лигата на Европа и Конференциска лига, плус победникот на Купот. Можно е петтото место да води во Европа, во зависност од тоа кој ќе го освои Купот.

Според првичните најави, два клуба би требало директно да испаднат од лигата, а во плејаут би играла екипата која ќе го заземе 16-тото место. Сепак, ова останува да се утврди кога е во прашање борбата за опстанок.

Така, Белгијците го укинуваат плејофот и актуелниот систем на натпреварување каде што во Јупилер лигата имаше 16 клуба, а по 30 кола се играше плејоф за шампион, плејоф за Европа и плејаут за опстанок.

Јупилер лигата моментално е седморангирана лига во Европа, а тоа може дополнително да се подобри бидејќи клубовите играат одлично во Европа.

Клуб Бриж е во осминафиналето во Лигата на шампионите, а Серкл Бриж во осминафиналето на Конференциската лига.

- Оглас -

Најнови вести