Ме бараат од Реал? Немам време за такви ср*ња

Трансферот на Жулијан Фобер од Вест хем во Реал Мадрид е еден од најчудните во изминативе години. Францускиот крилен играч во зимскиот преоден рок во 2009 година замина на позајмица на „Сантијаго Бернабеу“, но стартот на преговорите околу овој ангажман имаа сосема неочекуван старт.

Имено, Фобер сметал дека некој се шегува со него преку телефон кога првпат добил повик од Мадрид, па го изгаснал својот мобилен бидејќи се подготвувал за натпревар.

„Бев во тимскиот автобус и требаше да играме против Фулам. Телефонот ми заѕвони, а човекот од другата страна на линија ми кажа дека е од Реал. Му вратив дека немам време за такви ср*ња и дека треба да се подготвам за важен натпревар, па го исклучив телефонот. По мечот го уклучив и ме дочекаа над 30 пораки, по што сфатив дека работата е сериозна. Се слушнав со агентот и ми кажа дека претставници на Реал ме чекаат во еден хотел во Лондон за да преговараме. Беше последен ден од преодниот рок, а јас бев втор избор на Кралевите по Антонио Валенсија, кој тогаш потпиша за Манчестер јунајтед“, истакна Фобер, а потоа откри каква била реакцијата на неговите соиграчи во Вест хем.

„Го потпишав договорот, а потоа се вратив во клубот да земам некои работи. Се сретнав со неколку соиграчи од Вест хем и не можеа да си поверуваат: Тоа е еб*ниот Реал Мадрид, додека Нобл ми кажа: Не можам да разговарам со тебе, ти си играч на Реал, на повисоко ниво си од мене“, додаде Французинот.

Од старт се знаеше дека не е калибар за Реал, па затоа одигра само два натпревари, по што Кралевите не го откупија неговиот договор. На 36 години, Фобер моментално е член на францускиот нисколигаш Сент Рафаел.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести