Мечките уште не се во зимски сон – Мемфис рушеше рекорди во историска ноќ во НБА

Кошаркарите на Мемфис гризлис се нови рекордери во НБА-лигата по неверојатната победа од 152:79 против Оклахма сити тандер, а разликата од 73 поени е најголема на меч од најсилната кошаркарска лига на светот.

Претходниот рекорд беше во сопственост на Кливленд кавалирс со триумф од 68 поени разлика против Мајами хит, со резултат 148:80 постигнат во 1991 година.

Подвигот на популарните Мечки на Мемфис е уште поголем ако се знае дека постигнаа историска победа без најголемата ѕвезда во тимот Џа Морант, кој не игра поради повреда.

Ноќта беше и за многу клупски рекорди за Мемфис, а екипата постигна најмногу поени откако постои, имаа рекорден број поени на резервните играчи, асистенции, најголема предност во текот на еден меч, најдобар процент на удари…

И што е уште поинтересно, имаа само еден кошаркар што даде над 20 поени и дури деветмина со двоцифрен број поени.

Во историската, клупска и НБА ноќ, Мемфис го предводеше Џарен Џексон со 27 поени, а одлични беа и Мелтон со 19, Алдама со 18 и Кончар со 17 поени.

Кај гостите, Лугенц Дорт беше најефикасен со 15 поени, а Оклахома за малку ќе постигнеше и помалку поени од вкупната разлика на мечот.

Ноќеска повторно блескаа вицешампионите од Феникс и Сонцата имаат пред себе мисија да победат уште двапати за да го урнат клупскиот рекорд од 18 победи по ред.

Феникс беше убедлив против Детроит и победи со 114:103, што им е 17-ти триумф во низа.

Резултати: Њујорк – Чикаго 115:119, Торонто – Милвоки 97:93, Мемфис – Оклахома 152:79, Феникс – Детроит 114:103, Портланд – Сан Антонио 83:114.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести