Мекинро предвидува 25 гренслем-титули за Ѓоковиќ, Виландер оди уште подалеку

Откако Новак Ѓоковиќ ја освои својата 20-та гренслем-титула во кариерата, со што се изедначи со Рафаел Надал и Роџер Федерер, сега аналитичарите нагаѓаат колкава ќе биде бројката на трофеи од најголемите четири турнири на светот кога српскиот тенисер ќе ја заврши кариерата.

Според формата во која се наоѓа, Ѓоковиќ би требало за некој месец во САД или најдоцна следната година сам да се искачи на првото место на вечната листа. Годинава никој не може да му земе три сета на еден меч, па и неговите најголеми негатори и критичари веќе омекнуваат во ставовите.

Џон Мекинро верува дека Новак ќе стигне до 25 гренслем-титули, а Матс Виландер, кој работи како аналитичар на „Еуроспорт“, е уште поголем оптимист и прогнозира 26. Некогашниот српски селектор Богдан Обрадовиќ мисли дека Новак ќе заокружи 30-ка.

„Според мене, тој сигурно ќе продолжи во континуитет да освојува гренслемови, а кога ќе дојде до 25, малку ќе забави и ќе освои уште пет, што значи дека би завршил со 30. Има здраво тело, здрав ум, огромен мотив и сигурно ќе стигне до 30. Годинава веќе има три. Тој ќе игра уште десет години, зошто да не освои уште барем пет“, рече Обрадовиќ.

- Оглас -

Најнови вести