Ханси Флик веќе ги подготвува плановите за следната сезона, а шпанските медиуми тврдат дека на листата на желби на Барселона се нашло едно интересно име од Челзи.
Станува збор за францускиот дефанзивец Весли Фофана, кој во текот на летото би можело да го напушти лондонскиот клуб.
Според информациите на „Скај спорт“, Челзи веќе ја понудил можноста за трансфер на Фофана во Барселона и е подготвен да ги разгледа понудите за 25-годишниот стопер.
Наводно, англискиот клуб бара околу 30 милиони евра, сума која во денешните пазарни услови се смета за прифатлива за играч со неговиот квалитет.
Во Барселона внимателно ја следат ситуацијата, но каталонскиот гигант засега не е подготвен веднаш да ја плати бараната сума.
Поради финансиските проблеми што со години го следат клубот од „Камп ноу“, челниците на Барселона бараат модел кој би им одговарал на двете страни.
Како најреална опција се споменува позајмица со можност за откуп на крајот од сезоната, решение кое наводно многу повеќе ѝ одговара на Барселона.
Флик сака дополнително да ја засили конкуренцијата во одбраната, особено по бројните проблеми со повреди кои тимот ги имаше во текот на сезоната.
Фофана своевремено важеше за еден од најталентираните млади дефанзивци во Европа, но честите повреди значително го забавија неговиот развој.
Челзи пред неколку години плати околу 80 милиони евра за неговиот трансфер од Лестер, па евентуална продажба за 30 милиони би претставувала голема финансиска загуба за англискиот клуб.

