Лионел Меси со играта на гостувањето кај Севилја, кога даде три гола и додаде една асистенција, ги воодушеви фановите на Барселона, но и многумина на кои каталонскиот тим не им е при срце.
После вториот гол, со кој изедначи на 2-2, Меси скокна во прегратките на Осман Дембеле, и ја крена десната рака со стисната тупаница, слика која е видена во далечната 1970 година. Тогаш, во финалето на Мундијалот во Мексико, Бразил ја победи Италија со 4-1, а откако даде гол со глава, славниот Пеле беше кренат во раце од Жаирзињо, и со крената десна тупаница го прослави голот за светска титула.
Меси нема светска титула, но за помладите љубители на фудбалот, тој е подобар од Пеле. Дали Аргентинецот случајно или намерно ја имитираше прославата на „кралот на фудбалот“, засега не е познато, и каква порака сакаше да испрати Лео. Меси овој гол го даде со десна нога, што е реткост, а и при прославата на Пеле во 1970, радоста беше после гол со глава, нешто што Пеле не го правеше толку често.