Меси ќе се пишмани: Можно е Аргентинецот да се врати во Барселона

Лионел Меси не започна како што посакуваше во новиот клуб Пари Сен Жермен. Аргентинецот уште нема постигнато погодок во француското првенство, а во неколку меча беше заменет поради слаба игра, нешто што 15-тина години му се немаше случено додека играше во Барселона.

Иако официјалната причина поради која Меси не играше на последните два меча за ПСЖ е повреда, јасно е дека Аргентинецот е подготовен да игра, што се виде и на последниот тренинг на репрезентацијата на Гаучосите.

Капитенот на Аргентина замина во татковината и е дел од националниот тим подготовувајќи се за два многу важни дуели од квалификациите за пласман на Светското првенство во Катар следната година. Аргентина најпрво игра против Уругвај, а потоа следува и вечното дерби против Бразил. Се очекува Меси сигурно да игра против Бразил, а најверојатно ќе биде на теренот и за првиот меч со Уругвај.

Токму овие потези, Меси да тренира и да игра за Аргентина додека во ПСЖ е изоставен поради повреда, ги загреа шпекулациите дека Лео може за скоро време да се врати во Барселона. Престижниот весник „Марка“ најавува дека може да се види Меси во 2023 година повторно во дресот на Барселона, односно по истекот на двегодишниот договор со Светците од Париз.

- Оглас -

Најнови вести