Меси лобира, Барселона е на пат да го добие претсезонското „Ел Класико“

Барселона е најупорна и најконкретна во намерата да го ангажира Нејмар, бразилскиот фудбалер кој преклани му го продаде на ПСЖ за рекордни 222 милиони евра. Каталонците се во пол-позиција да го добијат Нејмар и само преголемиот инает на париските Светци и одбивањето на секакви понуди од Барса, со која не се во најдобри односи, може да го однесат Бразилецот во друг правец.

Од ПСЖ повеќе би сакале Нејмар да го продадат во Реал Мадрид, а наводно и Лионел Меси му се јавил на својот пријател и го молел да не оди во нивниот ривал, туку да се врати во Барса. Во Барселона никако не сакаат Нејмар да оди во Реал и ќе направат сè, да спречат такво сценарио.

Реал за да го земе Нејмар, прво мора да продаде тројца фудбалери за да ги исполни условите од финансискиот ферплеј. Друга работа е што главна желба на Кралевите е следното лето да го донесат Килијан Мбапе и сега не сакаат да повлечат никакви потези кои би му штетеле на тој иден трансфер. Зидан не бараше да биде донесен Нејмар бидејќи платата на Бразилецот е двојно поголема од таа на Рамос и Бејл и може да дојде до проблеми во хемијата на тимот.

За Барселона, најголем проблем е лошиот однос со ПСЖ. Покрај тоа, ако го донесат Нејмар, ќе мора да продадат некои играчи, како Кутињо, Дембеле и Ракитиќ, а ќе имаат проблем и со 120-милионскиот Гриезман, кој не е најдобро прифатен од главната ѕвезда Меси.

Шпанското првенство почнува в сабота, а како што стојат работите, Барселона води против Реал во претсезонската „Ел Класико“ трка за Нејмар.

- Оглас -

Најнови вести